Опис
Боблиг, лудиот инквизитор и неговите заштитници, кнезот Лихтенштајн и истоимениот бискуп на Оломоуц, грофот Лихтенштајн, во историјата се познати како креатори на морничавите судења на вештерки во доцниот 17 век во северна Моравија.
Боблиг е одговорен за ментална и физичка тортура, понижување и смрт со палење на клада на преку стотина невини жртви. Неговите мотиви се лукративни, па затоа на мета се угледните и имотните граѓани од кои бескрупулозно го приграбуваат имотот.
Свештеникот Криштоф Алојз Лаутнер, популарниот и сакан од народот декан од Шумперк, е еден од малкутемина кои го задржуваат здравиот разум среде масовната хистерија во која секој може да биде обвинет и погубен. Обидувајќи се да го спречи масакрот и тој паѓа како жртва на опскурните обвиненија за инцест и секс со демони.
Вештерски чекан е роман во кој ирационалната бестијалност се претвора во хорор и реалност.