Опис
Главниот јунак во „Приказна за мустаќот“ од Тахсин Јуџел е токму еден исклучителен мустаќ што го обојува мирниот живот на едно турско гратче со години, еден мустаќ кој, според многумина, се одделува од неговиот сопственик и
живее свој, посебен живот. Жителите на градот во него гледаат и обележје на нивното минато и светол знак на нивната иднина. Берберот кој се грижи за него секој ден го смета за сопствено ремек-дело; според девојките, тој навечер летнува и, влегувајќи низ отворените прозорци, ги посетува во нивните постели; а градскиот поет никако да ги најде вистинските зборови за да го опише и да го опее соодветно.
Што се однесува до неговиот сопственик, како мустаќот станува сè пограндиозен, така тој станува сè поневидлив, понезабележлив, преминува во втор план. Ги губи речиси сите други својства и карактеристики освен онаа на носител на еден монументален мустаќ, дури и самата машкост, но, и покрај тоа, и тој самиот мустаќот го смета за најважен од сè.
Единствениот отпор, единствениот противудар во однос на ова, според малкумина, замрачување на умот, доаѓа од неговата сопруга, но стигнува предоцна…