Опис
Главниот јунак, Малдорор (на француски „Мal d’aurore“ значи „утрински порок“) е во постојан судир со своите ближни – Човекот, Ангелот, Творецот – со трите персонификации на одамна втемелениот „чист и морален“ граѓански свет. Тој е типичен црн романтичарски херој, истовремено и возвишен и немоќен и натприродно силен, но изгубен во светот, вистински аутсајдер и горд осаменик. Тој е синтеза на Бајроновиот Манфред и Чајлд Харолд, но и на Лермонтовиот Демон; потсетува на јунаците од англискиот готски или „црн“ роман (Луис, Метјурин), на чудовиштето од Франкенштајн на Мери Шели, како и на јунаците од популарните авантуристичко-криминалистички романи – фељтони на Ежен Си.
Пеењата на Малдорор се сметаат за ремек-дело на книжевноста на злото во контекстот на француската традиција од втората половина на XIX век, која егзистира помеѓу доцниот романтизам и декадентниот симболизам. Поезијата од тоа време е полна со бунтовници, но ниту едно поетско дело од XIX век не го содржи револтот во толку радикална и есенцијална мера како што е Пеењата на Малдорор на Лотреамон./