Опис
Хајнер Милер почнува да го составува материјалот за „Германија смрт во Берлин“ во 1956 година, а го завршува во 1971 и таа се смета за најрепрезентативен примерок на неговиот театар на „синтетички фрагменти“, раздвоени, фрагментарни сцени или слики поврзани на тематски план. „Германија…“ е исклучително сложен текст: сочинета е од кратки и долги сцени, што немаат хронолошки тек за да формираат единствена нарација.
Текстот на Милер исткајува свој пат низ историјата, континуирано задржувајќи го чувството за анахронизам: во некои од сцените, историските фигури (Јулиј Цезар и Наполеон) се појавуваат како сеништа што ја опседнуваат сегашноста; и самата Германија се јавува во драмата, помагајќи му на Гебелс да го породи детето на Адолф Хитлер. Мешајќи ги историското и митолошкото, Милер сака да го привлече вниманието врз прашањето за културното наследство на германските народи и варварството што се правело во нивно име.