Опис
Софокле е еден од тројцата големи старогрчки трагичари, автор на повеќе од 120 драми, учесник на најмалку 30 трагиски натпревари, победник на 18. За жал, само седум од неговите драми стигнале комплетни до нас; во овој избор не се поместени само „Трахинки“ и „Ајант“.
„Филоктет“ е една од победничките драми на Софокле (409 год. пр.н.е.), но генерално се смета за едно од неговите послаби остварувања: дел од тројанскиот циклус, таа е трагедија во која нема премногу трагика, драма во која отсуствува драматичност. Иако веројатно пишувана во истиот период и начелно дел од истиот циклус, „Електра“ е нејзина целосна спротивност: полна со акција, препознавања и со неизбежна трагичност, таа одново ја исчитува одмаздата на Орест – влегувајќи во агон со веќе изведените драми на Ајсхил и Еврипид (интересно, и „Филоктет“ е тема обработена од тројцата големи старогрчки трагичари, но во овој случај до нас стигнал само критички осврт).
Преостанатите три трагедии – „Антигона“, „Ојдип Тиранин“ и „Ојдип на Колон“ – се дел од тебанскиот циклус и се придружени со мноштво суперлативи: за Аристотел, на пример, „Ојдип Тиранин“ е парадигматичната старогрчка трагедија, а за Хегел, овој статус го има „Антигона“. Пишувани во распон од најмалку четири децении, тебанските трагедии на Софокле не само што ги дефинираат границите на жанрот туку и вечно ги поместуваат стандардите на книжевното творештво, едновремено давајќи и трогателен портрет на подемот и успокојувањето на еден од најголемите драматурзи во човековата историја.