Опис
Безмалку персонификација на типичниот Чех, „Добриот војник Швејк“ е краткиот наслов и главниот лик во незавршениот капитален црнохуморен и сатиричен роман на Јарослав Хашек, кој благодарение на сопствената некомпетентност (иако е нејасно дали е фактичка или хамлетовска), успева непрестајно да го осуетува авторитетот на целата австро-унгарска воена машинерија, попатно дофрлајќи и по некоја шега на сметка на корумпираните католички свештеници.
Најпреведувано дело кога и да е напишано на чешки јазик, „Доживувањата на добриот војник Швејк“ е еден од врвовите на долгиот низ на субверзивни комични романи со политичко-општествени импликации и со длабоки корени во европската книжевна традиција. Токму мешавината на дигресии, хумор и анегдоти со реалните проблеми и ужаси на војната, го прави „Швејк“ и едно од најчитаните дела со тематика од Првата светска војна, а можеби и првиот голем антивоен роман.
Изворно замислен како шесттомно издание, „Швејк“ ќе биде само двотретински комплетиран кога срцев удар ќе го спречи Хашек да го доврши своето ремек-дело. Овој прв том, под насловот „V zázemí“, е изворно издаден во 1921 година, кога е и незаборавно илустриран од Јозеф Лада.