Опис
Кафкијанска, и по замислата и по изведбата, „Чувар“ на Петер Терин е дистописка алегорија за современите општества што трезно и внимателно го води читателот низ лавиринтите на раздразливоста
и неизвесноста кон освестување пред тешко пребродливата состојба на едновремено отсуство и потреба за сопствено преиспитување. Хари и Мишел имаат задача да чуваат станбен блок што се состои
од четириесет луксузни апартмани. Сместени во големото подземно паркиралиште од каде што имаат непречен поглед кон влезот,
со челична дисциплина и педантност тие ги спроведуваат рутинските инспекции. Но, Хари и Мишел не знаат ништо за карактерот на нивната мисија: целосно отсечени од надворешниот свет и без никаков контакт со помпезните, богати жители кои ги чуваат, тие не знаат ниту дали има (или барем имало) војна некаде надвор – онаму каде што улиците се злокобно и морничаво тивки. Па, дури и кога еден ден, сите станари – со исклучок на еден – го напуштаат блокот, заробени во своите улоги, Хари и Мишел продолжуваат да ги извршуваат старите должности.
Но, има ли смисла да продолжат да чуваат сега? И, ако пристигне нивната смена, како ќе се навикнат на еден свет потенцијално лишен од секојдневната здодевност и параноја на нивниот работен ангажман?