Опис
Џан Лоренцо Бернини (1598 – 1680) е еден од последните големи универзални уметнички гении на раната модерна Италија, кого и современиците, но и наследниците, го вбројуваат во возвишената група на Леонардо, Рафаел и Микеланџело. Неговата уметничка визија е видлива и денес, низ безбројните статуи, фонтани и згради, што го трансформираа Рим во своевиден барокен театар што сè уште ги восхитува туристите.
Веројатно не изненадува тоа што уметникот што го дефинира барокот имал и живот што, исто така, бил барокен. Како што открива фасцинантната биографија на Франко Мормандо, Бернини бил човек со многу страсти, експлозивен нарав и силен сексуален нагон, а неговиот живот бил еднакво драматичен како и неговите дела.
Врз основа на архивски извори, писма, дневници и – со соодветен сомнеж – хагиографски текст напишан од страна на синот на Бернини (што го претставува својот татко како пример за доблест и скромност), Мормандо нè води низ многубројните караници, љубовни афери, скандали и гревови на Бернини. Тој го раскажува гласниот живот на Бернини, имајќи го како заднина живописниот барокен Рим, буен и богат, населен со црковни луѓе и бирократи, папи и политичари, сплетки и тајни.