Опис
Меѓу фрагментите од Сапфо, Платоновата десетта муза, е останат и следниов стих: „Велам – некој некогаш ќе се сети на мене.“ Не е премногу да се каже дека безмалку сета светска лирска поезија – почнувајќи од нејзиното име, па сè до формите и можностите за израз – е еден вид анамнеза на загубеното старогрчко наследство.
Во оваа книга се поместени речиси сите фрагменти достапни за светската читателска јавност до првата половина на дваесеттиот век, исклучувајќи ги Пиндаровите оди од кои се застапени три репрезентативни примероци. Бидејќи изборот ја користи Берковата нумерација и типологија, читателот има лесен увид во основните облици на лирскиот израз, но и во варијациите по кои е препознатлив секој од одделните поети.
Препевот, сработен од Елена Колева, ги следи класичните метрички схеми со сосема ретки отстапки што дозволува да се согледа и изразната моќ на елегискиот дистих или алкајската строфа, но и да се ѕирне во просодискиот раскош на Пиндар. Изданието содржи и обемен биографски индекс на застапените автори и споменатите или алудирани митолошки фигури.