Опис
Две години пред да умре, Борис Пастернак ќе се најде во средиштето на една од најголемите културни контроверзии за време на Студената војна: како признание за неговиот роман „Доктор Живаго“, сместен за време на руските револуции од 1905 година, забранет во неговиот роден СССР и штотуку објавен во Италија, Пастернак е награден со Нобеловата награда за литература, чин што е оценет како пркосен пропагандистички акт и намерна провокација на Западот кон комунизмот. И иако подоцнежни документи ќе потврдат дел од вистинитоста на оваа хипотеза, никој никогаш нема да ја праша праведноста на доделената награда.
Зашто пред да биде на широко дискутираниот автор на „Доктор Живаго“, Борис Пастернак е признателно еден од најголемите поети во историјата на руската и светската книжевност – и не е чудно што можеби дел од најмеморабилните страници од неговиот единствен роман се песните на Јуриј Живаго поместени во епилогот на книгата. Како и неговите претходни, и тие се синтетични и вдахновени со романтичарско-симболистичката атмосфера што владее во стиховите и на неговиот најомилен руски поет Блок. Иако исклучително модерен според јазичната и музичката експресија, кај Пастернак се препознава синтеза и на класичното руско поетско искуство од XIX век, на чијашто едноставност и проѕирност тој најјасно ѝ се навраќа токму во песните од „Доктор Живаго“.
Пастернак, пред сè, е сетилен, можеби најсетилниот руски поет, екстатичен докрај, поет на окото и увото, на сликите што звучат и на музиката што се гледа, на онаа поетика што Рембо ја дефинира како „растројства на сетилата“ – и сето тоа зад превезот на манифестниот Пастернаков „реализам“ и живата конкретност на неговите поетски слики.