Опис
Кога на 13 септември 1592 година, овој свет физички ќе го напушти Мишел де Монтењ, малкумина (но, за волја на вистината, незанемарливи малкумина) биле свесни дека од него си заминува нешто повеќе од ценет и добронамерен неколкукратен градоначалник на Бордо. Повеќе од четири века подоцна, безмалку и да не постои критичар и мислител кој во Монтењовото „Que sais-je?“ и неговата одлука предмет на неговите записи да биде самиот тој не ја открива суштината не само на Ренесансата, туку и на човекувањето воопшто.
Една од оние книги кои служат како вечен потсетник за големината на човекот, „Есеите“ на Мишел де Монтењ содржат многу од најпознатите есеи кога и да е напишани, зборови што одекнуваат низ времето и умовите на такви врвни интелекти како Декарт и Паскал, Русо и Ниче, Шекспир и Асимов – само кратка листа што е сепак доволен доказ за нивната разновидност, сеопфатност и безвременост. Монтењовата тенденција да биде дигресивен и анегдотарен, да се сомнева во сè во што може да се сомнева, да биде субјективен, прониклив и иновативен – е толку слична на духот на нашето современие што неговите „Есеи“ сè уште изгледаат модерни и свежи.
И малку е веројатно дека некогаш нема да биде така.